ПО СТОРИЈАТА НА ДНЕВНИК за раселените деца во кумановско
Насмеано сонце донесе насмевка на детските лица
Седумдесетте раселени деца од Кумановско вчера прв пат добија парична помош, која стаса од Македонците во Велика Британија и во Австралија
Помош од околу 100.000 денари вчера добија 71 раселено дете од Матејче и од Опае, од невладината организација за помош на децата во Македонија Насмеано сонце со седиште во Лондон, Велика Британија. Децата веќе шест години живеат во колективните центри и во приватните сместувалишта во Куманово.
На секое дете одделно парите им ги врачи Сашка Јанковска-Андерсон, една од основачите на оваа хуманитарна организација.
- За тешкиот живот на раселените деца без адреса дознавме од сторијата објавена во мај годинава во Дневник и кај нас веднаш се пројави желбата да се обидеме барем малку да им внесеме радост и убавина. За жал, животот со нив сурово се поиграл, а ние од Лондон во соработка и со поддршка од Македонците од Австралија и од другите земји, како и со англискиот народ и во иднина ќе работиме за помош на овие и на другите деца на кои им е потребна помошта - изјави Сашка Јанковска-Андерсон.
Оваа млада хуманитарка со своите пријатели најави дека оваа помош е само почеток на нивната хуманитарна мисија. Таа ги посети и раселените сместени во колективниот центар Кристал.
- Условите во кои живеат овие деца со своите родители навистина се стравотни - прокоментира Сашка.
Раселените деца, кои првпат лично примија ковертирана помош срамежливо се насмевнаа, а некои благодарноста ја изразија и со цврста прегратка на донаторката.
- Конечно некој да се сети и на раселените деца да им даде парична помош. Благодарни сме му и на весникот Дневник, кој редовно објавува за нашиот живот и потсеќа на нас и тогаш кога сите не' забораваат. А неизмерно сме благодарни до сите луѓе со добра волја и голема хуманост, кои од Лондон ни донесоа помош - изјави Радован од Одборот на раселените.
Сања Станојковиќ, мајка на тројца ученици, не го крие задоволството од добиената помош, зашто, као што вели таа, се наближува новата учебна година, па ќе мора да се обезбедат помагала, облека и обувки.
На раселените деца овој ден ќе им остане во долго сеќавање не само по донацијата, туку и по пружената рака на хуманоста и добрината, која тие лично ја почувствуваа. Нивните детски сништа за поубава и посреќна иднина ќе продолжат да ги сонуваат во двокреветните скудни хотелски соби, премногу жешки во летните месеци и премногу студени зиме.
- Храната и сместувањето ни ги обезбедува државата, но решението на нашиот животен проблем не е ниту долгорочно ниту трајно. Се' потешко се живее бездомнички живот - велат раселените.
Светлана А.Јовчевска
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=6FB44 ... 233F7ED122